Македонија Ванхауте го претстави предлог-законот за Агенцијата за медиуми

Ванхауте го претстави предлог-законот за Агенцијата за медиуми

Белгискиот олеснувач Питер Ванхауте на денешната средба со новинарите, на која го презентираше предлогот на меѓународната заедница за Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиуми, рече дека преговорите се одвиваат многу бавно.

Ванхауте рече дека овој закон помалку ќе се однесува на рестрикции и на казни, а повеќе на охрабрување на медиумите да бидат професионални. Исто така, тој додаде и дека предвидено е да се зголеми професионализмот кај членовите на Советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги, како и да се направи преглед на системот на финансирање на јавниот сервис.

Во законот е предвидено членовите на Советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги да се избираат со двотретинско мнозинство во Собранието откако ќе се пријават на јавен конкурс.

Тие треба да бидат професионалци и експерти, а за да бидат избрани, ќе треба да обезбедат поддршка од браншата, невладини организации и од универзитети. Членовите на Советот ќе имаат мандат од пет години, со можност за еден реизбор. Во законот, предвидено е Советот да го именува директорот на Агенцијата, кој ќе има само извршни овластувања.

Како што е предвидено со законот, ако некој медиум направи прекршување на законот, Советот ќе треба да почне дијалог со медиумот. Првата мерка треба да биде предупредување, а лиценца ќе се одземаа само во случај на големи прекршувања.

На сличен начин би се избирале и членовите на Советот на МРТВ.

Во законот, предложено е буџетот на јавниот сервис да биде еден отсто од државниот буџет и парите да можат да ги трошат независно. Предвидено е и да се намали данокот за комерцијалните телевизии од 18 на 5 отсто.

Според законот што денеска го презентираше Ванхауте, сите пораки кои Владата ќе сака да ги емитува на јавниот сервис и на приватните телевизии, а се од јавен интерес, не треба да се наплатуваат.

Белгискиот олеснувач рече дека треба да се посвети повеќе внимание на човечките ресурси во јавниот сервис и посочи дека треба да се вработат повеќе млади новинари, бидејќи просечната возраст на вработените во јавниот сервис е 58 години.