Ctrl - Z Утре во „Буква“ се отвора првата изложба на Андреј Медиќ Лазаревски –...

Утре во „Буква“ се отвора првата изложба на Андреј Медиќ Лазаревски – „Црно под ноктите“

„Црно под ноктите“ е концепт со кој авторот пробува да го втурне гледачот во ‘гнилото’, во „црното под ноктите“. Во тоа „гнило“ се наоѓаат темите што се преокупација на една цела генерација, но и вечните теми како „потрагата“ по своето место во заедницата, личното и нелирско „јас“, уништувањето на природата, љубовта, еротското, стравот, смртта, миграциите

фото: Култура Бета

Утревечер во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се отвори првата изложба на Андреј Медиќ Лазаревски под наслов „Црно под ноктите“. Изложбата се состои од колажи и мини-исталации изработени во последната година.

„’Црно под ноктите’ е концепт со кој авторот пробува да го втурне гледачот во ‘гнилото’, во ‘црното под ноктите’. Во тоа „гнило“ се наоѓаат темите што се преокупација на една цела генерација, но и вечните теми како „потрагата“ по своето место во заедницата, личното и нелирско ‘јас’, уништувањето на природата, љубовта, еротското, стравот, смртта, миграциите. Дел од колажите се инспирирани и посветени на песни од поети и поетеси од домашната и светска книжевност (Сергеј Есенин, Жак Превер, Имануел Мифсуд, Владимир Мартиновски, Ѓоко Здравески, Јулијана Величковска, Ива Петреска, Александра Спасеска, Васил Ханџиски, Милена Сиљаноска, Ангела Бошкоска, Дамјана Видическа…)“, велат од Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“.

Изложбата се отвора утре во 20:30 часот, а во рамки на настанот, за музичкиот дел, со свој диџеј-сет ќе се погрижи Индог.

Андреј Медиќ Лазаревски е поет, уредник и организатор на културни настани и фестивали. Тој е дипломиран професор по филозофија на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет и студира на Катедрата по општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје. Автор е на стихозбирките „Беседење со неа“ (2021, Дата песнопој) и „Молитвени дискурси“ (2022, 2023 – 2. изменето и дополнето издание, ПНВ Публикации). Основач е на здружението „Култура Бета“.