Македонија Утре ќе биде бесплатен влезот во сите музеи во земјавa

Утре ќе биде бесплатен влезот во сите музеи во земјавa

Во музеите ќе бидат поставени изложби, ќе бидат организирани промоции, работилници и разни едукативни активности, со цел да го доближат културното наследство до што поголем дел од јавноста

фото: Министерство за култура

Сите музеи во земјава утре традиционално ќе ги отворат своите врати и ќе овозможат бесплатен влез за посетителите, по повод Меѓународниот ден на музеите, 18 Мај, информираше Министерството за култура. Во музеите ќе бидат поставени изложби, ќе бидат организирани промоции, работилници и разни едукативни активности, со цел да го доближат културното наследство до што поголем дел од јавноста.

„Музеите, освен својот придонес како платформа за размена на идеи и знаења, имаат значајна улога во промоцијата на одржливост и благосостојба, можат да инспирираат, да образоваат и да иницираат позитивни промени во различни аспекти на животот за сите нас. Постојат многу начини за музеите да придонесат за постигнување на целите за одржлив развој: од поддршка на климатските активности и поттикнување на инклузивноста, до справување со социјалната изолација и подобрување на менталното здравје“, велат од Министерството за култура.

Меѓународниот ден на музеите, 18 Мај беше избран на Генералното собрание на Меѓународниот совет на музеите – ИКОМ во 1977 година. Целта на одбележувањето е да се насочи вниманието на целиот свет кон музејската дејност.