Македонија Уставен суд го отфрли барањето на Каракамишева за поништување на Преспанскиот договор

Уставен суд го отфрли барањето на Каракамишева за поништување на Преспанскиот договор

Салата за седници на Уставен суд. Фото: Веб-страница на Уставниот суд

На својата трета седница за годинава, денеска Уставен суд го отфрли барањето да се поништи Преспанскиот договор, поднесено од професорката Тања Каракамишева во 2019 година.

Каракамишева побарала „заштита на слободите и правата“, односно навела дека е „повредено правото на забрана од дискриминација по основ на национална припадност и правото на слобода на уверување, совеста, мислата и јавното изразување на мислата од член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, гарантирани со меѓународни документи“.

Каракамишева смета дека повредата на правата е направена со потпишувањето на Преспанскиот договор од тогашниот министер за надворешни работи Никола Димитров, но и со стапување на сила на Договорот, со измената на Уставот согласно Преспанскиот договор, но и со „формирање административен заеднички интердисциплинарен комитет за цензура и слобода на говорот, дејствата на согласување на државата под странски притисок на дополнителни услови за прием во ООН“.

Таа од Уставен суд побарала да утврди прекршување на правата и слободите и да го поништи Преспанскиот договор и да се забранат сите дејствија што произлегуваат од него.

Барањето на професорката е отфрлено бидејќи, како што вели судијата – известител Осман Кадриу, Уставниот суд може да решава за повреда на конкретни слободи и права, но ако тие се повредени со поединечен акти или дејствие. Во случајот, Преспанскиот договор и преземените дејствија во сите фази не се индивидуални дејствија, но побитно е тоа дека Договорот е општ акт со материја од правна и политичка природа со која се решаваат државни интереси за добробит на сите граѓани и целата држава. Според тоа, не постојат услови Уставниот суд да решава за тоа прашање, посочи Кадриу.