Македонија Уставен поведува постапка за уставноста на Упатството за водење матични книги

Уставен поведува постапка за уставноста на Упатството за водење матични книги

Министерот за правда Кренар Лога на 29 мај годинава го потпиша Упатството за изменување и дополнување на Упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи каде ќе стои графа за етничка припадност

Фото: Уставен суд на РСМ

Уставните судии денеска едногласно одлучиле да се оформи предмет во кој ќе се води постапка за оценување на уставноста на „Упатството за изменување и дополнување на упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи, издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги, водење постапка и составување на записник за најдено дете, обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги”.

Од Уставниот суд соопштуваат дека станува збор за Упатство донесено од Министерството за правда на 29 мај и кое изминатиот период предизвика голем интерес во јавноста.

„Овој предмет е формиран согласно деловничките одредби кои даваат овластување на Уставниот суд и сам да поведе постапка за оценување на уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт. Состанокот се одржа на предлог на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска и присуствуваа сите судии“, велат од Уставниот суд.

Инаку, министерот за правда Кренар Лога на 29 мај годинава го потпиша Упатството за изменување и дополнување на Упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи каде ќе стои графа за етничка припадност. Упатството требаше да почне да се применува од 1 јануари 2024 година.