Македонија Апсурд: Универзитетите ќе дебатираат за веќе изгласани закони

Апсурд: Универзитетите ќе дебатираат за веќе изгласани закони

И покрај протестите, револтот и несогласувањето на поголемиот дел од студентите и професорите, негативното мислење од домашната и странска експертска јавност, на 29 декември пратениците во Собранието ќе гласаат за пакетот мерки во образованието. Во денешниот број на дневниот весник  „Нова Македонија“  е објавен комерцијален оглас од 110 професори кои се потпишале на обраќањето во кое ја информираат Владата, ако не отстапи од почнатата постапка  повторно да го измени Законот за високо образование, тогаш таа ќе се соочи со жесток отпор од сите академски граѓани.

Од Ректорската управа, информираа дека на конференција закажана за 16 јануари наредната година на Економскиот факултет во Скопје  ќе учествуваат единиците и придружните членки на УКИМ, другите универзитети во Република Македонија, студентите и претставници на Министерството за образование и наука (МОН), објави „Нова Македонија“. Ректорската управа на УКИМ вчера, на седница, покрај другите прашања, посебно внимание посветил на предлозите на МОН поврзани со реформите во високото образование. Во тек е расправа на единиците на Универзитетот и по другите предлог-законски решенија поврзани со високото образование, по која мислењата, предлозите и забелешките на единиците и придружните членки на УКИМ ќе бидат доставени до Министерството за образование и наука.

Ректорската управа, како што наведува, очекува мислењата, предлозите и забелешките да бидат земени предвид од надлежните органи.

Студентите се револтирани од игнорантскиот однос на Владата и велат дека им е јасно зашто сакаат во брзи постапки да ги донесат спорните закони. Студентскиот пленум најави нови протести во петок.