Подглавна секција УНХЦР: Рекордни 120 милиони луѓе се присилно раселени поради новите конфликти

УНХЦР: Рекордни 120 милиони луѓе се присилно раселени поради новите конфликти

Зад овие страшни и растечки бројки се кријат безброј човечки трагедии. Тоа страдање мора да ја поттикне меѓународната заедница да делува итно за да ги отстрани причините на присилното раселување, вели Филипо Гранди, Високиот комесар на ОН за бегалци

Извор на фотографија: Официјална веб-страница на УНХЦР

Присилното раселување се искачи на највисоко ново ниво во светот минатата и оваа година, според годишниот извештај од 2024 за глобалните трендови, соопштува УНХЦР, Агенцијата на Обединетите нации за бегалци.

„Растот во глобалното присилно раселување на 120 милиони до мај 2024, беше дванаесетто последователно годишно зголемување и е резултат на нови конфликти и на конфликти кои се менуваат, како и на неуспехот да се најде решение за продолжените кризи. Бројката на светската раселена популација е еднаква на дванаесеттата најголема држава во светот, околу големината на Јапонија“, наведено е во соопштението од УНХЦР.

Клучен фактор што ја зголемува бројката е разорниот конфликт во Судан. На крајот на 2023 година вкупно 10,8 милиони Суданци биле раселени.

Во соопштението се наведува дека во Демократската Република Конго и во Мјанмар, милиони луѓе беа внатрешно раселени минатата година заради брутални борби. УНРВА проценува дека до крајот на минатата година, до 1,7 милиони лица (75 отсто од популацијата) беше раселена во Појасот Газа како резултат на катастрофалното насилство, од кои најголемиот број беа палестински бегалци. Сирија останува најголемата криза на раселување во светот, со 13,8 милиони присилно раселени лица внатре и надор од државата.

„Зад овие страшни и растечки бројки се кријат безброј човечки трагедии. Тоа страдање мора да ја поттикне меѓународната заедница да делува итно за да ги отстрани причините на присилното раселување“, рече Филипо Гранди, Високиот комесар на ОН за бегалци.

Како што оценува УНХЦР, крајно време е завојуваните страни да ги почитуваат основните закони на војувањето и меѓународното право, бидејќи факт е дека без подобра соработка и заеднички напори за да се решат конфликтите, прекршувањата на човековите права и климатската криза, бројките на раселени лица ќе продолжат да растат, а со тоа ќе носат и нови маки и скапи хуманитарни акции.

Најголемото зголемување во бројките на раселување доаѓа од луѓето кои бегаат од конфликт, а остануваат во сопствената држава, број кој се искачи на 68,3 милиони лица според Центарот за мониторинг на внатрешното раселување – повисок за речиси 50 отсто за пет години.

Бројот на бегалци и други на кои им е потребна меѓународна заштита се искачил на 43,4 милиони, вклучувајќи ги лицата под мандатите на УНХЦР и УНРВА. Најголемиот дел од бегалците се згрижени во држави од нивното соседство, а 75 отсто од нив живеат во држави со низок и среден приход кои заедно произведуваат помалку од 20 отсто од светскиот приход.

Извештајот покажал дека низ светот повеќе од 5 милиони внатрешно раселени лица и 1 милион бегалци се вратиле дома во 2023 година. Овие бројки покажуваат некој напредок кон подолготрајни решенија. Позитивно, пак, е дека преселувањата во трета држава се зголемиле на речиси 160.000 во 2023 година.