Македонија Улиците на источниот дел на Алепо преполни се со мртви луѓе

Улиците на источниот дел на Алепо преполни се со мртви луѓе

Евакуацијата од источниот дел од Алепо, кој до вчера беше под контрола на бунтовниците, требаше да почне утринава, но се чини дека би можела да биде одложена до утре, пренесуваат светските медиуми, повикувајќи се на агенцијата „Ројтерс“.

Дваесетина автобуси од рано утринава чекаат од градот да ја извлечат првата група цивили и повредени борци, но засега нема знаци дека евакуацијата би можела да почне.

Сириските владини сили и нивните руски сојузници засега не се изјаснуваат зошто таа треба да се одложи. Извори од бунтовничките сили велат дека примирјето останува на сила без разлика на одложената евакуација. Според истиот избор, зад одложувањето на евакуацијата стојат Иран и шиитската милиција, кои се борат на страна на претседателот Башар ал Асад.

Обединетите нации предупредуваат дека улиците на источен Алепо се полни со мртви луѓе. Исто така, додаваат дека сириските режимски сили убиле десетици лица, меѓу кои жени и деца во нивните домови.

Руското министерство денеска соопшти дека вкупно 6.000 цивили го напуштиле Алепо во последните 24 часа и оти во истиот период 366 бунтовници го положиле оружјето и го напуштиле градот.