Македонија Угина жирафата Каспер во скопската Зоолошка градина, во тек е обдукција

Угина жирафата Каспер во скопската Зоолошка градина, во тек е обдукција

Сега во Зоолошката градина живее само жирафата Флопи

Фото: ЗОО Скопје

Зоолошката градина Скопје информира дека утрово угинала жирафата Каспер. Оттаму велат дека во тек е обдукција на животното, која ја врши Ветеринарниот институт.

„Веднаш кога ќе ги добиеме резултатите, ќе информираме за причините за смртта на ова сакано животно, миленик на вработените и на бројните посетители“, наведено е во соопштението од Зоолошка градина.

Каспер бил земен од Зоолошката градина во Штутгард, а бил роден на 21 јули 2011 година. Инаку, жирафите имаат просечен животен век од околу 25 години во нивните природни живеалишта, а во зоолошките градини или кога се под човечка грижа, животниот век им изнесува од 20 до 27 години.

Во скопската Зоолошка градина имаше три жирафи. Во 2021 година угина жирафата Тобого, а обдукцијата покажа дека немало физички повреди. Сега Зоолошката градина во Скопје остана само со една жирафа, Флопи.