Економија Училиштата, фирмите и институциите од февруари ќе плаќаат за 35 отсто пониски...

Училиштата, фирмите и институциите од февруари ќе плаќаат за 35 отсто пониски сметки за парно

Оваа вонредна одлука доаѓа по сеопфатна анализа на актуелните цени на берза и прогнозираните цени на приодниот гас

Фото: РЕК

За околу 35 отсто ќе се намалат февруарските сметки за топлинска енергија за училиштата, деловните корисници и јавните институции, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

„Пониски сметки за парно ќе добиваат околу 1.200 потрошувачи приклучени на централно градско греење на ЕСМ снабдување, ЕСМ Енергетика, Скопје Север. Овие корисници трошат 20 отсто од потребните количини на топлинска енергија на ниво на град Скопје и меѓу нив се образовни институции, деловни корисници: мали дуќанчиња, компании, банки“, наведено е во соопштението од РКЕ.

Оттаму појаснуваат дека оваа вонредна одлука доаѓа по сеопфатна анализа на актуелните цени на берза и прогнозираните цени на приодниот гас.

„Резултатите покажаа дека во изминатиот период цената на природниот гас на берзата е пониска од предвидената со што се исполнуваат условите да се донесе поволна одлука за категоријата останати корисници, кои пак во турбулентниот период на енергетската криза го преземаа товарот и добиваа реални сметки. За разлика од домаќинствата, кои во цел изминат период на енергетска криза добиваа сметки со субвенции“, изјави Марко Бислимоски, претседателот на РКЕ.

Вкупно 65.000 потрошувачи се снабдуваат со топлинска енергија, а само од старт на грејната сезона до сега приклучени се околу 1.000 нови корисници.