Свет Балкан РСС: Само осум отсто од граѓаните во земјите во регионот учествувале на...

РСС: Само осум отсто од граѓаните во земјите во регионот учествувале на јавни протести лани

Учеството на јавноста во креирањето на политиките на земјите од Западен Балкан е тема на конференција која се одржува од денеска во Виена, на која учествуваат раководители на одели од министерствата за правда, министерствата за администрација и јавна управа и министерствата за европски интеграции на земјите од регионот.

Конференцијата ја организираат Регионалниот совет за соработка (РСС) заедно со Регионалната школа за јавна управа и Центарот за истржување на јавната управа од Австрија.

Целта на Конференцијата е да се подигне свеста кај властите во земјите од Западен Балкан (ЗБ) за зголемување на стандардите за вклучување на јавното мислење при креирањето на политиките што ги спроведуваат владите и нивните министерства. Притоа ќе биде дискуирано и околу неодамна усвоената Препорака за учество на јавноста во креирањето политики на ЗБ, донесена од министри на шесте земји од регионот.

На Конференцијата, како што соопшти РСС, ќе се претстави и дистрибуира цел сет на повеќејазични материјали за информирање на јавноста и подигање на свеста – леток со Препораката, видео материјал и брошура, со цел анимирање на јавноста околу оваа проблематика.

Според истражувањето на јавното мислење што го спроведува РСС секоја година – Балкански барометар 2017, само осум отсто од граѓаните во земјите во регионот учествувале на јавни протести, пет отсто јавно ги коментирале владините одлуки на социјалните мрежи, а само 3 отсто учествувале во јавни расправи.