Македонија Учебната година ќе почне на 1 септември, одлучила Владата

Учебната година ќе почне на 1 септември, одлучила Владата

Претстојната учебна година, сепак, ќе почне на 1 септември, одлучила Владата на вчерашната седница, на која била разгледувана иницијативата на хотелиерите, летниот распуст да трае до 15 септември поради лошата туристичка сезона во мај и во јуни.

Владината одлука, денеска на прес-конференција ја соопшти заменик-министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, посочувајќи дека таа произлегла од консултациите со стручни лица и со професори од Педагошкиот факултет.

– Констатиравме дека во овој момент, безмалку триесетина дена до почетокот на новата учебна година, е предоцна да се прават какви било корекции. Го разбираме барањето и иницијативата на дел од туристичките работници, меѓутоа секогаш се водиме од најдобриот интерес на учениците. Учебната година, како и секогаш, ќе почне на 1 септември и апелирам до учениците и до нивните семејства да си ги реализираат своите подготовки за почеток на наставата – изјави Ристовски.

Тој соопшти дека Владата ги задолжила Министерството за образование и наука и Министерството за економија во наредниот период да направат анализа за ефектите од евентуална промена во организацијата на учебната година.