Свет Убиен вториот човек на Исламска држава

Убиен вториот човек на Исламска држава

Вториот човек во командната хиерархија на Исламска држава (ИД), Абдул Рахман Мустафа ел-Кадули, и уште неколку членови на раководството на милитантната исламистичка организација се убиени во Сирија, соопшти попладнево секретарот за одбрана на САД, Ештон Картер.

Тој, како што пренесува „Би-би-си“, рекол дека со смртта на Кадули, познат уште и како Хаџи Иман, и на другите високи членови на ИД, е нанесен сериозен удар на понатамошните операции на групата.

Картер во изјавата не дал никакви детали за смртта на Кадули.

Претходно „Ен-би-си њуз“, повикувајќи се на извори од одбраната на САД, објави дека Кадули бил убиен во вторникот оваа недела, во операција на американските специјални сили во Сирија.

Според информациите, првичната намера била Кадули да биде фатен жив, но ситуацијата ескалирала, по што тој и уште три лица биле убиени во акцијата.

Американските власти нудеа награда од 7 милиони долари за Кадули.