Подглавна секција Уапсени тројца германски државјани за наводно шпионирање за Кина

Уапсени тројца германски државјани за наводно шпионирање за Кина

Тие наводно ѝ предавале на Кина информации за технологијата што може да се користи за воени цели

Фото: Boris Roessler/dpa

Полицијата во Дизелдорф и Бад Хомбург уапси тројца германски државјани за шпионирање за кинеската тајна служба. Двајца мажи и една жена се во притвор, објави во понеделникот федералното обвинителство, пренесе германската новинска агенција ДПА.

Тие наводно ѝ предавале на Кина информации за технологијата што може да се користи за воени цели најдоцна од јуни 2022 година.

Двајца од осомничените се брачна двојка со компанија во Дизелдорф, а обвинителството другиот маж го опишува како соработник на агент на кинеското Министерство за државна безбедност.

Според обвинителството, тој „користел“ брачна двојка со компанијата како „посредник за контакти и соработка“ со луѓе од германските научни и истражувачки центри.

Компанијата потпишала договор за соработка со германски универзитет, кој подготвувал студија за кинески клиент за делови за моќни поморски мотори, какви што користат и воени бродови.

Во моментот на нивното апсење, обвинетите преговарале за истражувачки проекти кои би можеле особено да имаат корист за зајакнувањето на кинеската морнарица, се вели во соопштението.