Главна секција Приведен е Сокол Митревски, поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров

Приведен е Сокол Митревски, поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров

Поранешниот градоначалник на општина Ѓорче Петров, Сокол Митревски, е приведен утрово, потврдија за „Мета“ извори од истрагата.

Митревски, според неофицијални информации, е приведен за злоупотреба на службената положба и овластувањата, во врска со незаконска пренамена на земјиште на територијата на општината и за незаконско давање земјиште под концесија.

Заедно со Митревски уапсени се уште пет лица вработени во Општината.

Митревски се очекува да биде однесен во една од полициските станици во Кисела Вода или Гази Баба.

Тој три мандати беше градоначалник на општина Ѓорче Петров. Во 2005 година победи како независен кандидат, додека на локалните избори во 2009 и во 2013 година беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.

Митревски е генерал во пензија, еден од основачите на Факултетот за одбрана во Скопје и долгогодишен професор на Воената академија. Беше аѓутант на поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски.