Свет Турскиот премиер се нуди како посредник во решавање на кризата меѓу Саудиска...

Турскиот премиер се нуди како посредник во решавање на кризата меѓу Саудиска Арабија и Иран

Ријад и Техеран да ги користат дипломатските канали за да стават крај на тензиите настанати по погубувањето на истакнатиот шиитски свештеник Нимр ал Нимр, изјави турскиот премиер Ахмет Давутоглу, додавајќи дека Анкара е подготвена да посредува во решавањето на кризата.

– Веднаш треба да им се даде шанса на дипломатските канали. Турција е подготвена да понуди секаква можна конструктивна помош за решение – изјави Давутоглу.

Саудиска Арабија во неделата ги прекина дипломатските односи со Иран по нападот врз нејзината амбасада во Техеран, а вчера го прекина и авионскиот сообраќај кон Иран. Официјален Ријад соопшти дека ќе ги обнови дипломатските односи со Иран кога Техеран ќе престане да се меша во внатрешните работи на Саудиска Арабија и на другите земји.