Свет Балкан Турската војска нападна позиции на ИД во Сирија и во Ирак

Турската војска нападна позиции на ИД во Сирија и во Ирак

Турски тенкови и артилерија нападнаа позиции на Исламска држава во Ирак и во Сирија како одмазда за самоубиствениот бомбашки напад во Истанбул, во кој загинаа 10 туристи, соопшти денеска турскиот премиер Ахмет Давутоглу.

Речиси 200 екстремисти се убиени во артилериските напади во претходните 48 часа, соопшти Давутоглу, но не појасни како е утврден бројот на загинатите или нивната припадност.

Турскиот премиер рече дека турската војска нападнала околу 500 позиции на екстремистите на границата со Сирија и во близина на кампот на турската војска на северот на Ирак.

Давутоглу рече дека официјална Анкара одлучила да ја нападне ИД откако утврдила дека организацијата стои зад бомбашкиот напад во турскиот кварт, во близина на Сината џамија.