Економија Туристите откажуваат резервации, АППТ ќе одржи вонредна седница

Туристите откажуваат резервации, АППТ ќе одржи вонредна седница

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Македонија (АППТ) ќе свика вонредна седница на Советот, поради промената во состојбите кои влијаат на туризмот и откажување на резервациите во текот на последните неколку дена од повеќе странски партнери.

Според Џамбазовски, Советот на АППТ се свикува за да се преземат мерки и активности за надминување на актуелната ситуација.

– Очекуваме заедно со туристичкото стопанство да излеземе со став и предлози како би се ублажиле негативните резултати од актуелната ситуација. Истовремено, се соочуваме со ситуација во која различни медиуми, домашни и странски, излегуваат со своја интерпретација на настаните, со што се предизвикува несигурност кај странските партнери и откажување на оганизираните патувања кон Македонија од сите странски држави – изјави директорот на АППТ, Кристијан Џамбазовски.

Според одредени информации, најголемиот дел откажани резервации се од соседна Србија, а планираните организирани чартер-летови за посета на туристи од Холандија, според најавите од Агенцијата, ќе се реализираат.

И директорот на „Фибула“, Асим Меџедовиќ, за „Мета“ потврди дека Холанѓаните се интересираат за состојбата, но не откажуваат.

– Ние ги уверуваме дека вакви случаи имало и во Париз, Лондон, Брисел, Мадрид, дека ситуацијата е под контрола и дека се работи за изолиран случај. Тоа се само неколку коментари од 400 туристи, кои треба да пристигнат од Холандија – изјави Меџедовиќ.