Македонија Тунтев: Македонија прокоцка една шанса, трета нема да добие

Тунтев: Македонија прокоцка една шанса, трета нема да добие

Во Македонија се вратија надежта и перспективата за развивање општество, вели координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, според кого извештајот од ЕУ ја потврдува заложбата на парламентарното мнозинство и Владата, а опозицијата има придонес само со поддршката што ја дала за усвојување на реформските закони.

– Не смееме поради еуфоријата да го заборавиме темпото. Не така далечното минато покажа дека може да се скршне од патот и да се уништат сите заложби. Опозицијата е во право дека претходно сме имале позитивни извештаи од ЕУ. Но, со лошо владеење и непромислени политики, за 10 години се вративме 10 години назад. Станавме заробена држава – вели Тунтев, додавајќи дека една шанса Македонија прокоцкала, а трета нема да добие.

Според пратеникот на СДСМ, Владата за 10 месеци покажала прогрес за решавање на проблемот со Грција. Тунтев вели дека неизвесно е дали ќе има решение со јужниот сосед, но треба да се продолжи со спроведување на реформите.

– Моите деца, вашите деца, целата младина е со една нога надвор од државата. Затоа мора да дејствуваме. Премногу беа заробени, па можност побараа подалеку од нас и нашите домови. Факт е дека ќе треба да поминат повеќе години за поправање на штетите од лошите и непромислени политики. Само со вистинска стратегија ќе се забрза полноправното членство во ЕУ. Заслуживме да живееме во нормална држава – додава Тунтев.