Македонија Тунтев: Извештајот е сигнал дека државата се движи во вистинскиот правец

Тунтев: Извештајот е сигнал дека државата се движи во вистинскиот правец

Томислав Тунтев, координаторот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата во Собранието, денеска на прес-конференција порача дека новиот Извештај на Европската Комисија, кој денеска пред пратениците го презентираше високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, е доказ дека земјата се движи во вистинскиот правец.

– Охрабрувањето што го добиваме од високите европски претставници и кристално чистата и безусловна препорака за полноправно членство на Република Македонија во Европската унија се признание што го добивме за сите наши досегашни напори, но и дополнителен мотив за нас да го продолжиме патот на реформите. Позитивните оценки во Извештајот на Европската комисија се значаен успех за Македонија, која што по долги години на политичка криза и бесперспективност, изолираност, се врати на вистинскиот, на европскиот пат – рече Тунтев.

Тој најави дека на иницијатива на пратеничката група на СДСМ и коалицијата, а во соработка со Националниот демократски институт,  почнувајќи од наредната седница за пратенички прашања, што е планирано да се одржи на 26 април, премиерот и министрите од Владата на Република Македонија, за време на паузата ќе бидат достапни за сите пратеници, за да може тие да поставуваат прашања до Владата и во неформална комуникација.