Култура „Цветна патека на мирот“ ќе конкурира за Гинисов рекорд

„Цветна патека на мирот“ ќе конкурира за Гинисов рекорд

Членовите на Лајонс-клубот „Вардар“, денеска, во дворот на Факултетот за електротехника и информациски технологии, посадија 61 бела роза по повод христијанскиот празник Цветници. Истовремено, уметникот Живко Поповски-Цветин го почна својот проект „Цветна патека на мирот“, со кој ќе конкурира за Гинисов рекорд.

– Од денеска, овие рози ќе го разубавуваат дворот на Факултетот и ќе го расчистуваат воздухот. Цвеќето го садиме по повод празникот Цветници – рече претседателот на клубот, Миле Станковски, декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Една од розите, професорот Станковски, ја посвети на Фросина Цековска, студентка на ФЕИТ, која трагично загина во сообраќајната несреќа, која пред неколку дена се случи на булеварот „Партизански одреди“.

Проектот „Цветна патека на мирот“ претставува слика на 1.000 метри хартија, изработена со акрилни бои со шпакла, која ќе се работи во наредниот период. Сликата ќе се црта на различни локации поради својата мобилност.

– По сите војни, доаѓа мирот. Но, најдобро е да се спречи војната. Затоа, веќе три децении работам на темата мир со пораката „Цвеќето во човекот не го сака ветерот на војната“. Јас не измислувам нови цветови, туку ги пресликувам цветовите во луѓето што ги сакаат слободата и мирот – рече Цветин.