Дописници Црвениот килим послан да ги дочека ѕвездите на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“...

Црвениот килим послан да ги дочека ѕвездите на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ во Битола

Послан е црвениот килим пред Центарот за култура во Битола за да ги дочека филмаџиите од земјава и од светот на 36. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Во градот на браќата Манаки веќе се чувствува „силата“ на филмот и фестивалската атмосфера. Годинава фестивалот е во рацете на новиот директор Димитар Николов и за разлика од минатите години, кога се вложуваше во фестивалската еуфорија, годинава се чувствува помирна и полежерна атмосфера.

Битолчани се нестрпливи да ги видат големите филмски ѕвезди и да уживаат во магијата на филмот. Хотелите ги дочекаа гостите, на Широк сокак е невообичаено раздвижено, кафулињата се полни со гости, а полни раце работа имаат и во бутиците и во фризерниците.

За новинарите и за гостите на фестивалот, денеска особено впечатливо беше претставувањето на актерот Бруно Ганц, добитник на специјалната „Златна камера 300“. Присутните му се восхитуваа на скромноста, а тој срамежливо им се заблагодаруваше, зборувајќи за неговата актерска кариера, особено за филмот „Небото над Берлин“ од Вим Вендерс.

– Кога почнавме да снимаме со Вендерс, многу дијалози во сценариото не беа целосни. Што е ангел, како изгледа, како зборува, како комуницира со другите ангели. Претходно немаше филмови за ангели и немавме друга претстава, освен преку религиозните мотиви и книги. Снимавме по 12 часа, а потоа во вечерните часови продолжувавме со состаноци. Воопшто немавме приватен живот – изјави Бруно Ганц.

На прес-конференцијата се претстави и актерот Алексеј Серебрјаков, кој рече дека би снимил и македонски филм доколку за тоа добие понуда. Не изостана и неговиот впечаток за нашата земја, претставувајќи ја како комбинација од сонце, пејзаж, многу убави луѓе и од вино.

Домаќините на фестивалот го поздравија обраќајќи му се со „господин Левијатан“, поради неговата улога во филмот „Левијатан“, за која актерот зборуваше на прес-конференцијата во Битола.

– Многу тежок филм. Некои кадри се преснимуваа по 20-30 пати. Сепак, оставам сликата да зборува сама за себе и се надевам дека токму преку таа слика нашите поколенија ќе можат да разберат на каква територија живеат – рече актерот.

Отворањето вечерва ќе го одбележи светската премиера на филмот „Лазар“ во режија на Светозар Ристовски и во знакот на 110 години творештво на браќата Манаки.