Спорт Спорт Свет Црните фудбалери може да го бојкотираат СП 2018

Црните фудбалери може да го бојкотираат СП 2018

Светско првенство 2018 Русија

Советникот за борба против расизмот на Светската фудбалска федерација , Токио Сексвејл, соопшти дека црните фудбалери би можеле да го бојкотираат Светското првенство во 2018 година.

Сексвејл, исто така, го повика Владимир Путин, претседателот на Русија, која ќе биде домаќин на шампионатот, да побара поостра акција против расизмот во фудбалот.

Советникот, кој во Јужна Африка се бореше против апартхејдот, е против бојкотот, но изрази загриженост поради големиот број расистички инциденти во руската лига.

– Постои опасност црните фудбалери да одлучат да не одат во Русија на мундијалот, а тоа не смееме да го дозволиме. Говорам како челник на ФИФА и како граѓанин на светот. Ситуацијата не смее да отиде толку далеку. Ако почнат вакви работи, а вие не реагирате како лидер, работите ќе се влошат – вели Сексвејл.

Европската фудбалска федерација во последните години ги казнуваше руските клубови во Лигата на шампионите, но не и Фудбалскиот сојуз на Русија.

Сексвејл побара од својот „личен пријател“ Владимир Путин да интервенира.

– Покажи дека си лидер, биди Путин каков што светот те познава, биди цврст. Ако не успееме за тоа, би можеле за Светското првенство да зборуваме на друг начин. Некои луѓе ќе речат дека не сакаат да одат во Русија – рече Сексвејл.