Дописници Црна Река се прелеа кај селото Вашарејца

Црна Река се прелеа кај селото Вашарејца

Црна Река се излеа кај пелагониското село Вашарејца и поплави земјоделски површини, потврдуваат од Дирекцијата за заштита и спасување во Битола. Стравувањата на надлежните во Пелагонија за излевање на Црна Река се остварија по синоќешниот силен дожд во овој регион.

Нивото на Црна достигна 3,98 метри и се излеа на неколку места во атарот на Тополчани и во селото Вашарејца, кое е дел од општина Могила. Од Дирекцијата велат дека засега нема стравувања од поплавувања на куќи или на сточарски фарми.
– Ситуацијата е тешка, Црна Река се излеа на повеќе места, водата истекува и засега не може да се каже колкава површина е под вода. Едноставно, не се оди пеш на тие површини. Но, за среќа, засега нема опасност за домовите на мештаните и за стоката – потврдува Димче Јошевски, раководител на Дирекцијата во Битола.

Општината Могила денеска излезе на терен со механизација, а на поплавените места се носат вреќи со песок.
– Вечерва мора да се направат заштитни насипи, иако имаме оптимистички прогнози дека во наредните денови нема да врне во овој регион. Сепак, денска и утре ќе преземеме мерки да се стабилизира ситуација во овој дел од Пелагонија – вели Јошевски.
А.Б.