Главна секција „Црн бисер“ на Божидар Димитров: Ќе има пукотници и крвопролевање на протестите

„Црн бисер“ на Божидар Димитров: Ќе има пукотници и крвопролевање на протестите

Македонскиот премиер Никола Груевски воспостави вистинска диктатура со демократска фасада, оцени бугарскиот историчар и директор на бугарскиот Национален музеј за историја, Божидар Димитров, јавува денеска бугарската новинска агенција „Фокус“.

Димитров во интервју за Бугарската национална телевизија вели дека дури и бугарската несовршена демократија претставува пример за демократија во споредба на тоа што се случува во Скопје.

– Во Македонија нема закон за конфликт на интереси. Целата Влада, вклучувајќи ги и директорите на УБК, на царина, па и министрите се роднини – братучеди, внуци и слично. Власта ја држи едно семејство, а не партија – вели професорот Димитров.

Бугарскиот историчар ја споредува ситуацијата во Македонија со онаа во Украина.

– Веројатно вечерва ќе слушнеме пукотници, непознат снајперист ќе убие неколку луѓе што дополнително ќе ги вжешти и интензивира протестите. Треба да напоменеме дека протестите почнаа во Скопје, но, за разлика од Украина, синоќа имаше протести имаше и во Битола, вториот најголем град во Македонија, во Прилеп, третиот најголем град, како и во Штип. Очекувам премиерот Никола Груевски да поднесе оставка во следните три-четири дена, особено ако се пролее крв, не само од скршени раце, туку и од снајперисти кои ќе пукаат во народот – изјави Димитров.