Македонија ЦК на ВМРО-ДПМНЕ: Безрезервна поддршка на Груевски

ЦК на ВМРО-ДПМНЕ: Безрезервна поддршка на Груевски

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вчера одржа редовна седница на која било одлучено да му дадат „целосна и безрезервна поддршка на претседателот на партијата, Никола Груевски, Извршниот комитет на партијата и на Владата на Република Македонија во справување со предизвиците наметнати од неодговорното однесување на СДСМ“, информираат од владејачката партија.

„Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го осудува недозволивото, срамно и деструктивно однесување на раководството на СДСМ и неговата стратегија за предизвикување дестабилизација на Република Македонија. Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ без никаква дилема упатува јасна порака до сите дека нема да дозволи спроведување туѓи сценарија, дестабилизација на државата и насилно преземање на власта спротивно од волјата на мнозинството граѓани. Сите оние што наумиле да ја воведат државата во такви сценарија, добро е со време да се откажат. Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ им дава јасна насока и апел на сите членови и симпатизери, на секој еден поддржувач на нашата партија, да не наседнуваат на провокации, да застанат гордо, силно и во збиени редови во одбрана на достоинството и на честа на државата и на нејзините национални интереси“, се вели во соопштенито од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ апелираат до сите надлежни државни институции максимално професионално, одговорно и ефикасно да ги испитуваат и решаваат сите сомнежи и прашања поврзани со актуелната состојба во државата.