Македонија „Цивил“: Студентите и средношколците покажаа ретко видена свест

„Цивил“: Студентите и средношколците покажаа ретко видена свест

Центарот за слобода „Цивил“ изразува поддршка на пленумите на студентите, средношколците, наставниците и на родителите кои, според невладината организација, се изворни, натпартиски иницијативи и кои покажале и докажале дека во Република Македонија, сепак, постои граѓанска свест и култура.

„И студентите и средношколците покажаа ретко видена свест, солидарност и зрелост со сите свои постапки од првиот ден, сè досега. Со своето претставување на јавноста, аргументираниот пристап кон проблемите што ги засегаат нив директно, но и целото општество, подготвеноста за дијалог, но и со цврстината со која ги застапуваат своите ставови, идеи и предлози – младите им одржаа лекција на сите во оваа земја. Од младите на Македонија може и треба да се учи“, се вели во соопштението на „Цивил“.

Според невладината организација, премиерот, министерот за образование и другите властодршци се директно одговорни за лошите реформи и за тврдокорните постапки.

„Настапот на премиерот, етикетирањето, ароганцијата и лажниот морал со кои ги нападна младите во својот говор по повод Денот на независноста на Македонија, најважниот датум во поновата историја на земјата, е крајно неприфатлив и неодговорен и заслужува најостра осуда. Особено поради тоа што ова тој го направи во уште еден обид да ги одбрани своите „ѓубре-реформи“, како што тоа точно го квалификуваат пленумците. Нападот на Груевски врз пленумите со етикетирање и со обвиненија не смее да се дозволи“, велат од „Цивил“.