Свет Балкан Ципрас со амбициозни планови за 2016 година

Ципрас со амбициозни планови за 2016 година

Грчката влада се подготвува да влезе во 2016 со амбициозна агенда. Премиерот Алексис Ципрас на последниот состанок на владата за годинава им посака среќни празници на министрите, но беше јасен дека и покрај празничниот период, нема да има одмор за работата на грчката влада.

Исполнувањето на реформите, договорените обврски и контактите со европските кредитори остануваат приоритет на владата и во следниот период. Ципрас најави 11 приоритети за првите шест месеци од 2016 година и истакна дека Грција нема време за губење и не смее да се дозволи доцнење со исполнување на обврските за државата да може побргу да излезе од финансиската криза и да се врати во економски развој.

Како што забележа, покрај исполнувањето на обврските, владата нема да заборави на народот и на најранливите социјални групи во општеството.

Според грчкиот премиер, прашањето за намалувањето на пензиите за кое притискаат европските партнери останува грчка црвена линија и тема за која не планираат да попуштат.

Агендата на владата за следните шест месеци е успешно спроведување на новиот закон за дозволите за работа на телевизиите, спроведување нови реформи за продуктивен развој на државата, спроведување на законот за реформирање на јавниот сектор, реформи во здравството, спроведување на законот за социјална економија и социјални компании, промени во начинот на работа на приватни и на државни проекти, спроведување на законот за борба против шверцот на цигари и на нафта.

Клучен приоритет е и борбата за справување со даночното затајување, која веќе почна со новата листа грчки сметки во странство што владата ја достави до министерството за финансии. Во оваа насока се најавени и засилени контроли од даночната и од економската полиција за време на претстојниот празничен период по продавници, маркети, бутици, ресторани и кафулиња.

Владата испраќа зголемен број на инспектори кои ќе проверуваат дали се издаваат фискални сметки и ќе бидат подготвени да казнуваат ако има пропусти.