Свет Балкан Ципрас: Пред нас е пат на работа и на борби

Ципрас: Пред нас е пат на работа и на борби

Победникот на грчките избори, Алексис Ципрас, преку „Твитер“ ја објави победата и плановите на потенцијалната втора влада на СИРИЗА.

„Пред нас се отвора пат на работа и на борби“, напиша Ципрас на својот твитер-профил, најавувајќи на овој начин дека нема место за големи прослави бидејќи државата ја чекаат тешки економски и политички предизвици, спроведување на новите мерки и реформи, за да се загарантира исплаќањето на новата финансиска помош за Грција.

Според неофицијални информации, Ципрас уште вечерва можно е да се сретне со Панос Каменос, лидерот на Независни Грци, за да разговараат за потенцијалниот состав на новата влада и да ги разгледаат предлозите и од двете страни.

Двете партии заедно имаат 155 пратеници, со што имаат доволно парламентарно мнозинство во новиот состав на парламентот за да може да формираат влада без да вклучат и трет коалициски партнер. Но, и понатаму останува отворено прашањето дали Ципрас ќе сака да внесе и трета партија, за да има посилно присуство во парламентот.

СИРИЗА, како победник на изборите, утре ќе добие мандат од грчкиот претседател за да формира влада во следните три дена.

Изборната победа на Ципрас веќе му ја честитаа францускиот претседател Франсоа Оланд, кој се понудил и да дојде да ја посети Грција, лидерот на Нова демократија, Евангелос Меимаракис, претседателот Прокопис Павлопулос, претседателот на Европарламентот, Мартин Шулц, австрискиот канцелар и претседателот на Кипар, Никос Анастасијадис.

Со 48 проценти од пребројани гласови, СИРИЗА освои 35,5 проценти од гласовите и ќе има 145 пратеници, а Нова демократија со 28 проценти од гласовите, ќе има 75 пратеници.