Хроника Тројца повредени во тепачка во градски автобус

Тројца повредени во тепачка во градски автобус

Во инцидентот, според полицијата, учестувале две групи на возраст од 15 до20 години

Три момчиња, од кои двајца малолетници, вчера попладне биле повредени во тепачка со друга група, што се случила во автобус со број 64, објавува интернет-порталот „МКД.мк“.

Според изјавите на очевидци, што ги пренесува порталот, инцидентот го предизвикала десетчлена група, која почнала да ги провоцира и навредува трите момчиња, а потоа се нафрлила на нив со клоци и со тупаници.
Во тепачката биле повредени Т.Х. (15), В.С. (15) и К.И. (19). Тие, според очевидиците, седеле на горниот кат на автобусот кога биле нападнати од групата, која се обидела да ги симне на долниот кат. Еден од малолетниците бил посериозно повреден.

Момчињата успеале да излезат и застанале пред автобусот, не дозволувајќи да тргне додека не дојде полиција. Повредените биле пренесени во болница, каде што на еден му биле ставени копчиња на главата, а останатите двајца примиле инфузија.

По укажаната лекарска помош, повредените дале изјави во полициска станица, каде, како што пишува „МКД.мк“, деветнаесетгодишниот К.И. бил казнет со 700 евра затоа што членови на другата група изјавиле дека трите момчиња носеле ножеви и палки. Сепак, при увидот, полицијата не пронашла ништо.

Повеќе детали за настанот од МВР се очекуваат денеска.