Економија Тројца потпретседатели на Светска банка доаѓаат на Конституенцата во Скопје

Тројца потпретседатели на Светска банка доаѓаат на Конституенцата во Скопје

Трoојца потпретседатели на групацијата на Светска банка ќе присуствуваат на Конституенцата на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), која ќе се одржи од 21 – 22 јуни во Скопје. Станува збор за потпретседателот на Светска банка за Европа и Централа Азија Сирил Милер, потпретседателот за човечки развој на Светска банка Анет Дискон и потпретседателот на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) Георгина Бејкер.

„Инаку, не е вообичаено толку многу високи претставници на Светска банка да присуствуваат на Конституенца. Тоа е потврда за прогресот на реформите во јавните финансии, како и на добрата соработка на  Владата со Светска банка. Освен тројцата потпретседатели на Светска банка, ќе присуствува и директорот на ММФ за Европа Пол Томпсен. На состанокот на Холандско-белгиската конституенца на Групацијата на Светската банка и ММФ ќе присуствуваат и министри за финансии и гувернери на централни банки од земјите од Конституенцата од Холандија, Белгија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грузија, Ерменија, Израел, Кипар, Луксембург, Молдавија, Романија, Украина, Хрватска и Црна Гора“, се вели во соопштението на Министерство за финансии.

Организатори на Конституенцата се Министерството за финансии и Народната банка. Средбите претставуваат своевиден форум на кој високите претставници на носителите на фискалната и монетарната политика во земјите членки разменуваат мислења за политиките и програмите на ММФ и СБ, како и за други клучни прашања за европската и светската економија.