Македонија Три оставки во владата на Груевски

Три оставки во владата на Груевски

Тројца министри од владата на премиерот Никола Груевски денеска поднесоа оставка на своите функции. Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, и заменик-министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска-Томовска, во согласност со Договорот од Пржино денеска до Собранието ги поднеле своите оставки.

Собранието на Република Македонија денеска, исто така, ги прими предлогот за именување заменици-министри во владата и предлогот за избор на членови на владата, а собранискиот спикер, Трајко Вељаноски, попладнево соопшти дека двата предлога утре ќе се најдат пред пратениците.

Според договорот, кој беше прецизиран на последната средба на работните групи посветена на привремената влада, со Министерството за внатрешни работи ќе раководи Оливер Спасовски од СДСМ, додека во министерската фотелја во труд и социјална политика ќе седне Фросина Ременски, исто така од опозициската партија. На местото на Арсовска-Томовска, од опозицискиот СДСМ ќе дојде Александар Кирацовски.

СДСМ, исто така, треба да ги добие заменичките позиции во Министерството за земјоделство и во Министерството за финансии, на кои ќе бидат назначени Љупчо Николовски и Кире Наумов.

На утрешната седница се очекува да биде пополнета и министерската позиција во Министерството за информатичко општество и јавна администрација, која остана испразнета по оставката на Иво Ивановски.