Македонија „Три часа чекаме хеликоптери и ер-трактори, но ги нема“, вели градоначалникот на...

„Три часа чекаме хеликоптери и ер-трактори, но ги нема“, вели градоначалникот на Дојран

Веќе трет час чекаме помош, но помош нема. За жал има зафатено и неколку куќи во Стар Дојран. Засега жртви нема. На терен е и полицијата, брза помош, но неопходна ни е воздушна поддршка, видно вознемирен апелира градоначалникот Анго Ангов

Пожарот со голема брзина се шири кон Стар Дојран заради силниот ветер. Фото: Принтскрин од видео снимено од градоначалникот нго Ангов

Во Дојран ситуацијата е хаотична, веќе три часa чекаме помош во хеликоптери и ер трактори кои ќе го гасат пожарот, но помош не доаѓа, реагира градоначалникот на Дојран Анго Ангов, откако околината на Дојран ја зафати пожар кој се шири брзо поради силниот ветер. Во моментов гори над населба Карач, која е релативно нова населба, а се наоѓа меѓу Нов и Стар Дојран. Луѓето кои се таму во моментов, се во паника бидејќи дишењето им е отежнато поради густиот чад.

„Пожарот избувна во 10:30 часот. Најпрво имаше пожар во селото Николиќ, но за жал, сега е проширен. Избувна на самата депонија, а има индиции дека е подметнат. Во неговото ширење „помага“ и ветерот. Веќе трет час чекаме помош, но помош нема. За жал има зафатено и неколку куќи во Стар Дојран. Засега жртви нема. На терен е и полицијата, брза помош, но неопходна ни е воздушна поддршка“, видно вознемирен рече градоначалникот Ангов.

Тој беше обвинет денеска од заменик-генералниот директор на „Национални шуми“, Кире Михаилов, кој преку својот профил на Фејсбук побара одговорност од градоналникот затоа што дојранската депонија била заклучена и оставена без чувар и запалена.

„Поради тоа екипите на ТППЕ не биле во можност да влезат веднаш во депонијата и да го спречат првичниот пожар кој пред малку излегол од депонијата кон м.в. Карабалија, а поради ветрот огнот опасно се доближува кон Стар Дојран и е надвор од контрола“, пишува Михаилов.

Но, ваквите обвинувања за Ангов се шпекулации кои доаѓаат од, како што вели, луѓе кои седат во канцеларија и не знаат што се случува на терен.

„И да била заклучена депонијата, што не е точно, противпожарните служби имаат механизанизација да влезат и да реагираат. Би апелирал да не се користи ситуацијата за политичко поентирање“, додава Ангов.

Како што информира директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, се врши евакуација на локалното население и засега нема повредени лица.

До објавата на овој текст Ангелов не даде одговор на прашањата околу пожарот во Стар Дојран и барањето за помош од градоначалникот Ангов.

Фото: ЦУК

Во меѓувреме, во ЦУК информираа дека на помош дошол хеликоптер кој полни вода од Дојранското езеро и го гаси пожарот.