Македонија Трета доза досега примиле повеќе од 70 илјади граѓани

Трета доза досега примиле повеќе од 70 илјади граѓани

Фото: Мета.мк

Во текот на вчерашниот ден аплицирани се вкупно 4.434 дози вакцини, од кои 1.268 се аплицирани како прва доза, 1.021 се ревакцинирани, а 2.145 граѓани примиле трета доза вакцина, информираат во Министерството за здравство.

– Заклучно со 26 ноември вкупно се вакцинирани 828.770 граѓани, ревакцинирани се 794.666 а трета доза примиле 70.937 граѓани. Педесет и седум отсто од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина – велат оттаму.

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 58 отсто, а со две дози опфатени се 47 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 39 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 38 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина.

Инаку, неодамна професорката од Фармацевтскиот факултет Александра Грозданова, на онлајн состанок со новинарите, истакна не треба да се проверува присуство на антитела пред да се прими треба бустер доза.

– Тестирањето на антитела не го гледам како постапка која мора да е задолжителна, имајќи предвид дека нивото на антитела дава половина слика од онаа што ја обезбедува вакцината, затоа што во позадина работи клеточниот имунитет, а и  мемориските клетки се активирани. А и како ќе одредите кој е тој праг под кој или над кој ќе кажете во која мерка сте заштитени? Препораката би била дека граѓаните не треба да се оптоваруваат со проверка на своите антитела. Три месеци после кинеските и шест месеци после другите вакцини, треба да се прими бустер дозата, зашто во тој период вакцините обезбедуваат заштита на популацијата. Вие може да примите две Фајзер дози и да немате високо ниво на антитела, или да примите една доза кинеска, а да развиете многу антитела. Никаде нема да најдете препораки за проверка на антитела – рече Грозданова.