Македонија Трајче Пеливанов назначен за привремен шеф на местото на суспендираната Русковска

Трајче Пеливанов назначен за привремен шеф на местото на суспендираната Русковска

Фото: Архива на Мета

Обвинителот Трајче Пеливанов привремено ќе ја врши функцијата прв човек Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, до истекот на суспензијата на Вилма Русковска.

Одлуката е донесена на денешната 64. седница на Советот на јавни обвинители од каде што објаснуваат дека е назначен привремен шеф бидејќи станува збор за обвинителство каде што се гони сериозен организиран криминал и не треба истото да се остави без раководител.

Пеливанов беше дел од тимот обвинители во поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), а за обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција беше избран во април 2021 година.

Русковска беше ставена под суспензија од Главниот јавен обвинител Љубомир Јовески додека трае дисциплинската постапка против неа во врска со извршениот претрес во Управата за финансиска полиција на 18 јули.

Русковска поднесе жалба, но Советот на јавни обвинители ја одби како неоснована и ја потврди суспензијата.