Македонија Трајанов побара ОЈО да го сакнционира изборниот криминал

Трајанов побара ОЈО да го сакнционира изборниот криминал

Лидерот на Демократски сојуз и носител на листата во првата изборна единица на Коалицијата за промени и правда, Павле Трајанов, денеска го повика јавниот обвинител, согласно службената должност, по „чуен глас“, за кршење на Изборниот законик да преземе законски мерки за документирање на такви случаи и да отвори предистражни постапки за што му се на располагање сите државни институции, вклучително и Министерството за внатрешни работи.

Трајанов, на прес-конференцијата пред Јавното обвинителство, рече дека пасивниот однос значи солидаризирање со владејачките партии, особено со ВМРО-ДПМНЕ, и со нивните активисти, кои деновиве, како што рече, ги притискаат граѓаните и фирмите да учествуваат на митинзи и да гласат за нив.

– Секој што ќе направи изборен криминал ќе одговара. Само со промени може да почне процесот на стабилизација – рече Трајанов.

Носителот на листата на оваа коалиција во втората изборна единица, Јове Кекеновски, ги повика граѓаните да не подлегнуваат на притисоците од партиските агитатори.