Македонија Тодоров се откажа од пратеничкиот мандат, ќе работи како адвокат

Тодоров се откажа од пратеничкиот мандат, ќе работи како адвокат

Министерот за здравство во заминување, Никола Тодоров, денеска соопшти дека се откажува од пратеничка функција, но не и од активностите во матичната партија ВМРО-ДПМНЕ.

„Имајќи предвид дека планирам во иднина повеќе да се посветам на мојата основна професија како адвокат, како и да можам да дадам поголем придонес во партиските активности, дозволете ми да Ве информирам дека одлучив да поднесам оставка на функцијата пратеник во Собранието на Република Македонија“, напиша Тодоров на својата страница на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Од кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери, соопштија дека Тодоров веќе ја депонирал својата оставка и дека за ова ќе биде информирана Државната изборна комисија. На неговото место, според пратеничката листа, треба да седне Невенка Стаменковска.

Тодоров важи за еден од најблиските соработници на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Тој е дел од владиниот кабинет уште од 2009 година, како министер за образование, а во 2011 година застана на чело на ресорот здравство.