Свет Европа Тилерсон ја потврди американската поддршка за Украина

Тилерсон ја потврди американската поддршка за Украина

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон ќе престојува во Украина за да ја потврди поддршката на САД кон таа земја, која се бори против проруските активисти на истокот на земјата.

Тилерсон ќе се сретне со украинскиот претседател Петро Порошенко, само 48 часа откако присуствуваше на првата средба помеѓу американскиот и рускиот претседател на самитот на Г20 во Хамбург.

Неговата еднодневна посета на Киев доаѓа во момент кога САД ја разгледуваат можноста за преземање на поголема улога во напорите кои ги предводи Европа, а имаат цел ставање крај на тригодишниот конфликт на истокот на Украина, во кој загинаа околу 10.000 лица.

Американскиот државен секретар допатува во Киев помалку од три недели откако Порошенко го посети Вашингтон и се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп, барајќи гаранции за понатамошна посветеност на САД на суверенитетот и на територијалниот интегритет на Украина.