Свет Балкан Тихомир Орешковиќ е кандидат за премиер на Хрватска

Тихомир Орешковиќ е кандидат за премиер на Хрватска

Лидерот на Татковнската коалиција и на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), Томислав Карамарко, и првиот човек на партијата Мост, Божо Петров, попладнево соопштија дека нивни заеднички кандидат за нов премиер на Хрватска е еден од поранешните директори во хрватската фармацевтска компанија „Плива“, Тихомир Орешковиќ, јави „Хина“.

По нивната денешна средба, на која било договорено Орешковиќ да биде заеднички кандидат за мандатар, Карамарко и Петров изјавија дека на разговрите не станало збор за распределба на министерските позиции, додавајќи дека очекуваат новата влада да се формира за еден месец.

Петров нагласи дека е задоволен затоа што за кандидат за премиер е избрана непартиска и стручна личност.

Орешковиќ е роден во Загреб во 1966 година. Тој во 1989 дипломирал на канадскиот Универзитет „Мекмастер“, каде и стекнал звање магистер по финансии и по информациски системи во 1991 година.