Хроника Тешки кражби на златен накит и на бакар во Полошко

Тешки кражби на златен накит и на бакар во Полошко

Тешка кражба во која е одземен златен накит во вреднот од 447.000 денари е извршена вчеравечер во куќа на 52-годишен жител од тетовското село Одри.

Засега непознати сторители, откако насилно го отвориле прозорецот на приземјето од куќата, влегле внатре, целосно ги пребарале просториите на катот и од кутија, која се наоѓала во фиока во една од собите, одзеле алки, синџирџиња, прстени и обетки.

Од друга соседна соба, пак, одзеле два женски прстени, кои биле ставени на комода. Незабележани од никого, тие ја напуштиле куќата.

Вработен во гостиварските Хидроелектрични централи „Маврово“, вчераутро пријавил кражба на трафостаница „Раде Кончар“, која била поставена на четириметарски решеткаст столб во близина на Леунска брана во селото Леуново. Кражбата била извршена ноќта помеѓу 3 и 4 април, кога непознати сторители ја извадиле трафостаницата, ја спуштиле на земја и потоа ја демонтирале. Притоа, тие одзеле повеќе бакарни елементи во вкупна тежина од педесетина килограми. Материјалната штета што ја причиниле во оваа кражба се проценува на 300.000 денари.

Се преземаат мерки и активности за откривање на сторителите на двете кражби.