Свет Европа Тереза Меј планира да го смени Борис Џонсон

Тереза Меј планира да го смени Борис Џонсон

Британската премиерка Тереза Меј навести дека би можела да го смени министерот за надворешни работи, Борис Џонсон.
Најавата доаѓа во момент кога таа се обидува да го потврди својот авторитет по низата „политички катастрофи“, коментира „Ројтерс“, повикувајќи се на британскиот весник „Сандеј тајмс“.

Весникот наведува дека Меј сè уште не знае какви се нејзините планови за Џонсон, кој ѝ вети лојалност, но одредени сојузници на премиерката го обвинуваат дека ја поткопува со изнесување сопствени визии за излезот на Британија од ЕУ.
– Никогаш не бил мој стил да се кријам од предизвиците, а нема ни сега – рече Меј.

Оваа нејзина изјава британските медиуми ја толкуваат како знак дека е подготвена да воведе нови министри во својот кабинет и да ги отстрани тие што претставуваат проблем.

Меј нагласи дека дел од нејзината работа како премиерка е да обезбеди секогаш да ги има најдобрите луѓе во својот кабинет.

Авторитетот на Меј во нејзината Конзервативна партија опадна откако ги распиша предвремените парламентарни избори, на кои го изгуби мнозинството во парламентот.