Македонија Татко си ги терал децата да питаат во Скопје и во Велес,...

Татко си ги терал децата да питаат во Скопје и во Велес, а парите ги трошел во казино

Таткото ги запуштил сопствените две деца и од користољубие ги навел на питање. Ги носел децата на различни локации во Скопје и Велес, ги терал да бараат пари, а потоа паричните средства им ги земал и ги трошел во казино

Фото: Мета.мк

Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице од селото Извор, за две кривични дела – Запуштање и малтретирање на дете од член 201 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопшти Обвинителството.

„Постои основано сомнение дека во временскиот период од 2021 до 03 април годинава, осомничениот татко со грубо запоставување на својата должност за грижа и воспитување ги запуштил сопствените две деца и од користољубие ги навел на питање. Тој ги носел децата на различни локации во Скопје и Велес, ги терал да бараат пари, а потоа паричните средства им ги земал и ги трошел во казино“, наведено е во соопштението.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Велес достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постои опасност да се даде во бегство, да го повторува кривичното дело или да влијае врз оштетените деца.