Македонија Талевска: МАН ќе делегира членови само на јавен државен конкурс

Талевска: МАН ќе делегира членови само на јавен државен конкурс

Македонската асоцијација на медиуми (МАН) не поддржува политички партии да предлагаат членови на ад хок телото за регулација, затоа што, според Ивона Талевска, тоа треба да го направат новинарските здруженија.

– ЗНМ како приврзок на СДСМ, под превезот на независни членови не успеа да издејствува да внесе свои претставници во ова тело. Затоа тие целосно излегоа од оваа приказна – вели Талевска.

Таа тврди дека МАН ќе делегира свои членови кога државата на конкурс ќе го побара тоа, а не политичките партии.

Насер Селмани, претседател на ЗНМ, денеска на својот фејсбук-профил напиша дека барале вистински реформи во медиумите, а потписниците на Договорот од Пржино испорачале политичка фарса.

„Уште еднаш повторувам дека нема да учествуваме во играта без граници на партиите“, напиша Селмани, на својот фејсбук-профил.

Инаку, новинарските организации на вчерашниот состанок со раководството на опозицискиот СДСМ категорично одбиле да учествуваат во консултациите за ад хок телото и во изборот на главен уредник на МТВ.

Заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, разговарала со претставници на Советот на етика во медиумите (СЕМ), Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) за начинот и за концептот на избор на член во ад хок телото и на главен уредник на радиодифузниот сервис. На разговорите биле повикани претставници и од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), но тие не биле присутни на состанокот.