Главна секција Талески: Ова е наметната постапка

Талески: Ова е наметната постапка

Станува збор за наметната постапка и не може врз основа на една снимка да се прави ваква политичка хајка, изјави битолскиот градоначалник Владимир Талески, по излегувањето од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) каде денеска беше на распит за случајот „Транспортер“.

Во врска со тендерите за училишниот превоз во Битола, Талески рече дека постапките биле транспарентни и оти тоа ќе го докажат.

Прашан околу информациите дека од куќен притвор ја води општината, битолскиот градоначалник кратко одговори: „Има одлука од Обвинителството која јас мора да ја почитувам“.

Распитот на Талески траеше два и пол часа. Тој во СЈО пристигна точно во 12 часот со полициска придружба, но без лисици на рацете, а на распитот дојде со својот адвокат Никола Додовски.

Од исказот на градоначалникот ќе зависи дали СЈО ќе побара продолжување на куќниот притвор, кој истекува утре.

Специјалното јавно обвинителство ги товари Талески и уште 22 лица за злоупотреби со превозот на ученици во Битола, тешки 360.000 евра, во случајот „Транспортер“.