Подглавна секција СЗО: Околу 1,2 милиони дози вакцини против детска парализа доставени во Газа

СЗО: Околу 1,2 милиони дози вакцини против детска парализа доставени во Газа

Светската здравствена организација соопшти дека испорачала 1,2 милиони вакцини против детска парализа во Газа, а ќе следат уште 400.000

Фото: Мета.мк

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека испорачала 1,2 милиони дози вакцини против детска парализа во Газа, а ќе следат уште 400.000.

Вакцинациите, кои треба да започнат викендов, ќе бидат изведени за време на тридневна пауза од борбите во неколку области на територијата за да се овозможи инокулација на повеќе од 640.000 деца, пишува Гардијан.

Сепак, претставниците на ОН предупредија дека Хамас и израелската војска „мора да ги почитуваат“ хуманитарните паузи кои беа преговарани за да се изврши вакцинирањето по двата инцидента оваа недела од кои еден беше смртоносен кога израелските сили пукаа врз возила за помош.

Официјален претставник на СЗО рече дека планот „не е идеален“, но додаде дека би бил изводлив „доколку сите делови од сложувалката се на место.

Претставници на ОН соопштија дека кампањата за вакцинација ќе се спроведува во тридневни фази во различни зони на Појасот Газа.

Кампањата беше организирана откако СЗО на почетокот на овој месец соопшти дека бебе било парализирано од вирусот на полио тип 2, што ги поттикна агенциите на ОН да побараат итна вакцинација.

Процесот ќе вклучи повеќе од 2.000 здравствени и општински работници на неколку стотици локации.