Македонија Светски ден на зоонозите: граѓаните да се заштитат од крлежи, вошки, болви...

Светски ден на зоонозите: граѓаните да се заштитат од крлежи, вошки, болви и комарци

„Домашните животни, поради поголем контакт со луѓето, многу почесто се извор на зараза од дивите животни“, вели Бабовски и апелира домашните миленичиња по препорака и совет на ветеринар да се третираат против паразити

Фото: Image by Catkin from Pixabay

Зоонозите се болести на домашните и на дивите животни кои се пренесуваат и на луѓето. Причинители на зоонози се различни видови микроорганизми и тоа вируси, бактерии, паразити, габички и други, а извор на зараза за човекот се домашните и дивите животни, или нивната непосредна средина, ако е контаминирана со нивни секрети и екскрети, а во одредени, но ретки случаи и инфицираниот човек, објаснуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), по повод 6 Јули – Светскиот ден на зоонозите.

Директорот на АХВ, Николче Бабовски објаснува дека луѓето можат да се инфицираат и преку одредени производи млеко, месо, јајца или суровини – кожи, особено доколку се со непроверено потекло или се добиени од објекти и оператори со храна кои не се одобрени и не се под контрола на надлежен орган. Причинители на зоонози се и инсектите – вектори. Улога на вектори имаат и крлежите, вошките,болвите, комарците како и други инсекти.

На зоонози најмногу се изложени луѓе кои работат со животни или работат во производство и преработка на производи кои потекнуваат од животни месо, кожа, волна – сточари, ветеринари, ловџии.

„Домашните животни, поради поголем контакт со луѓето, многу почесто се извор на зараза од дивите животни“, вели Бабовски и апелира домашните миленичиња по препорака и совет на ветеринар да се третираат против паразити, а рацете да се мијат редовно, да не се допираат лицето, областа околу устата и носот со валкани раце, но и граѓаните да не одат боси по трева и да ги одбегнуваат местата каде што има комарци и крлежи.

Од АХВ апелираат, ако граѓаните се наоѓаат на место каде што има многу комарци, да носат светла платнена облека со долги ракави и ногавици која ќе го заштити нивното тело од убоди.

„Доколку забележите крлеж, лекар треба веднаш да го отстрани. Да се внимава и да не се пие вода од места каде што постојат индикации дека можеби е загадена со животински измет. Храната термички да се третира, да се одбегнуваат контакти со глодари и нивни секрет. Доколку од својата околина мора да се отстрани угинато животно, треба да се користат маска и гумени ракавици, а мршата треба претходно да се дезинфицира со средство за дезинфекција“, вели Бабовски.