Македонија Светска недела на доење: Бебињата што се доени имаат за 2,6 поени...

Светска недела на доење: Бебињата што се доени имаат за 2,6 поени повисоко IQ од оние кои не се доени

На мајките им е потребна поддршка да дојат во секое време и да не се цензурира доењето во јавност. Потребни се и ефективни породилни права, кои не ги принудуваат жените да бираат помеѓу семејството и професијата

Photo by Fé Ngô on Unsplash

Во просек, бебињата што се доени имаат за 2,6 поени повисока интелигенција (IQ) од бебињата кои не се доени со поголеми разлики во поголемо времетраење на доењето. Доењето значително го подобрува здравјето, развојот и благосостојбата н бебињата и на децата, а воедно и на мајките, објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), по повод одбележувањето на Светската недела на доењето (1-7 август).

„Се проценува дека се потребни повеќе од 4.000 литри вода за да се произведе еден килограм прашок за замена за мајчино млеко. Недоењето е поврзано со со економски загуби од околу 302 милијарди долари годишно или 0,49 отсто од глобалниот бруто национален производ“, наведено е во објава на ИЈЗ.

Светската недела на доењето се одбележува уште од 1992 година со годишни теми, вклучувајќи ги и здравствените системи, изработка на меѓународен кодекс за маркетинг за адаптирано млеко, поддршка од заедницата, екологија, економија, наука и образование, како и теми од човекови права. Темата под која се одбележува овогодинешната недела е „Премостуваме разлики: поддршка за доење, за сите!“

Со кампањата во светски рамки се опфаќаат сите мајки и нивните различности во текот на нивнотo патување во мајчинството и доењето, прикажувајќи ги начините на кои семејствата, општествата, заедниците и здравственитe работници можат да ги заштитат мајките доилки.

Светската алијанса за акција за доење (WABA) во текот на Светската недела на доење #WBW2024, се фокусира на преживување, здравје и благосостојба, ќе ја покаже потребата од подобрување на поддршката за доење за да се намалат нееднаквостите што постојат во општествата. Оваа поддршка вклучува политики и ставови кои позитивно ќе одговорат на жените кои дојат, систем за здравствена заштита прилагоден за жените и доењето, почитување на автономијата на жената и на нејзиното право да дои во секое време, каде и да е.

„Од 0 до 6 месечнa возраст хранење на доенчињата со мајчино млеко и ништо друго, им гарантира извор на храна кој е уникатно прилагоден на нивните потреби за хранливи материи, а истовремено е безбеден, чист, здрав и достапен без разлика каде се наоѓаат“, велат во ИЈЗ.

За поддршка на мајките, потенцираат во ИЈЗ, е потребна поддршка на жените да дојат во секое време и да не се цензурира доењето во јавност. Потоа, потребни се ефективни породилни права, кои не ги принудуваат жените да бираат помеѓу семејството и професијата. Исто така, потребни се и обучени здравствени работници кои можат да пружат почит, помош, поддршка на жените кои дојат, а потребно е и да се стави крај на, како што велат во ИЈЗ, експлоататорските промоции на бебешко млеко во секој контекст.