Дописници Свети Климентовата награда отиде во рацете на Јордан Манасиески

Свети Климентовата награда отиде во рацете на Јордан Манасиески

Познатиот сликар кој живее и твори во Охрид, Јордан Манасиески, е годинашен добитник на Свети Климентовата награда, додека Повелбата постхумно му е доделена на Слободан Крлески, фолклорист.

Високите општински признанија ги добиваат личности кои дале свој особен придонес за развојот и за афирмацијата на градот Охрид.

Манасиески е ликовен уметник кој сè повеќе ја зацврстува својата позиција на големо уметничко име на светската ликовна мапа. Најновото признание за него пристигна од „Кембриџ“, светскиот храм на знаењата и на постигнувањата, од каде му е испратен медалот за „Личност на годината за 2013 година“. Истовремено, Интернационалниот биографски центар од овој британски град, го забележа во книгата на најзначајни личности од светот.

Во последниве пет години, тој изложуваше во Париз, Токио, Њујорк и во Фиренца и други светските уметнички метрополи и салони, од каде се врати со ласкави признанија и награди. На парискиот „Есенски салон“ во 2009 година, со делото „Пред величествената порта“, беше официјален кандидат за главната награда на манифестацијата. За своето дело „Молитва за радоста“, Мансиески ја доби специјалната награда на Јапонската асоцијација за современа уметност. Изложуваше во Токио, Њујорк и во Фиренца и на други места. Во 2009 година, Манасиеки ја доби и специјалната награда на Светската галерија за цртеж на „Остен“, во Скопје.

За годинешната Повелба „Свети Климент Охридски“, на конкурсот што традиционално го објавува Општина Охрид, аплицираа пет кандидати: доктор Никола Филев, професорот Стефан Каневче, Здружението на пензионери од Охрид, постхумно Слободан Крлески и Зоран Велјаноски – Летра.

За наградата, пак, номинирани беа д-р Ванчо Чифлиганец кој беше еден од кумовите за Водици во Охрид и донатор на споменикот „Фаќач на крстот“, Влатко Димитров, Димче Стојкоски, Јордан Манасијевски, Славе Банар и Свето Стаменов.