Македонија Судски експерти од Велика Британија во посета на Македонија

Судски експерти од Велика Британија во посета на Македонија

Суд

Гости од Фондацијата „Слин“ од Лондон и од Комисијата за назначување судии во Англија и во Велс, престојуваат во дводневна официјална посета на Академијата за судии и за јавни обвинители „Павел Шатев“.

Во текот на посетата, ќе се реализира советување, што ќе се одржи во просториите на Академијата за судии и за јавни обвинители, на тема: „Компаративните искуства во системот на назначување, оценување и за унапредување на судиите во судскиот систем во Англија и во Велс“.

На советувањето ќе говорат експертите од Англија, кои пред присутните ќе го презентираат системот на назначување, оценување и на унапредување на судиите во судскиот систем, а воедно, преку интерактивна дискусија, ќе биде презентирана и најдобрата практика, како и начинот на кој би можела да се примени и да придонесе во унапредувањето на овој сегмент во македонското правосудство.

На советувањето ќе присуствуваат претставници на Судскиот совет на Република Македонија, претседатели на судовите со проширена надлежност, претставници на Министерството за правда на Република Македонија, претставници на Бирото за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права, како и претставници на Здружението за судии на Република Македонија.

На отворањето на советувањето ќе се обратат амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Чарлс Едмунд Гарет, и Анета Арнаудовска, директор на Академијата за судии и за јавни обвинители „Павел Шатев“.