Македонија Судот на честа на Лекарската комора отвори постапка за гевгелиските лекари

Судот на честа на Лекарската комора отвори постапка за гевгелиските лекари

Судот на честа на Лекарската комора на Македонија отвори постапка за оценување дали има основа за привремено или трајно одземање на лиценците за работа на докторите од гевгелиската болница по интервенцијата во текот на која починаа родилка и нејзиното бебе, односно за одговорноста на лекарите од етичка и од деонтолошка гледна точка во согласност со Кодексот на медицинската деонтологија.

„Членовите на ова тело на комората ја разгледаа расположливата документација и едногласно оценија дека за да се одлучува, неопходно е да се добијат извештаите од извршениот вонреден стручен надзор на Министерство за здравство, изјавите на сите инволвирани субјекти, судско-медицинското вештачење, како и други документи и материјални докази релевантни за овој случај од надлежни институции“, пишува во соопштението на Судот на честа.

Членовите на судот со официјален допис побарале од надлежните институции и органи да ја достават потребната документација и извештаите, како и информацијата за организациските аспекти на установата за да може мериторно да одлучат за отворениот предмет.